Кристина Краличин гостуваше во утринската емисија на Македонската Радио Телевизија „Македонија наутро“ на 23 декември 2025 година кај водителката Јована Костадиновска. Разговорот беше на тема од неодамна добиеното високо признание Амбасадорка на Стародавната Академија на Парнас за земјите на Балканот како титула за високата вредност на нејзиното поетско и литературно творештво.

На 24 и 25 октомври, во Народниот театар во Каникати, Сицилија, Италија се одржа финалето на 10-то јубилејно издание на Меѓународниот поетски конкурс „Парнас – Награда Анџело Ла Векија”. Почесен гостин на настанот беше писателката и поетеса Кристина Краличин која доаѓа од Македонија и како жена на културата силно верува во универзалниот јазик на поезијата, „oттргнувајќи” ги далечините и обединувајќи ги сите култури и етнички групи во светот.

„Ова признание го доживувам како природен резултат на еден долг творечки и културен пат. Не го гледам како изненадување, туку како потврда дека континуираната работа со јазикот, поезијата и преводот остава трага. За мене, титулата Амбасадорка не е само симболична – таа подразбира одговорност, присуство и ангажман во еден поширок европски културен простор. Да се биде Амбасадорка во културата значи да се биде мост. Не станува збор за формална улога, туку за активна улога – да се создава простор за дијалог, да се поврзуваат различни поетски и културни традиции, и да се зборува со автентичен глас за вредностите што ги носиме. Во таа смисла, оваа улога ја гледам како можност Балканот да се претстави како културен простор со длабока мисла и силна поетска енергија. За Македонија, ова признание е уште еден показател дека македонската литература и македонскиот јазик функционираат рамноправно во европскиот културен контекст. Не како исклучок, ниту како куриозитет, туку како зрел и автентичен глас. Ова покажува дека нашата култура има континуитет, квалитет и сопствена естетска и етичка вертикала“ - потенцираше Краличин.

„Поезијата денес има многу тивка, но исклучително важна улога. Таа нè учи на внимание – кон зборот, кон другиот, кон внатрешниот свет на човекот. Во време на забрзаност и површност, поезијата нè враќа кон суштината. За мене, поезијата не е само уметничка форма, туку начин на размислување и начин на постоење. Успесите ги доживувам како резултат на доследност и искрен однос кон јазикот. Никогаш не сум пишувала со цел да добијам признание, туку со потреба да бидам верна на она што го чувствувам и мислам. Кога една песна ќе биде преведена и разбрана на друг јазик, тогаш знам дека ја исполнила својата суштинска улога – да комуницира. Во оваа улога се гледам како активен културен посредник. Сакам да продолжам со создавање на литературни и културни поврзувања меѓу Македонија, Балканот и Медитеранот, преку поезија, преводи и заеднички проекти. Верувам дека културната соработка е најдолготрајната и најдлабоката форма на поврзување меѓу народите“ - истакна Краличин.

„Верувам дека културата не е украс на едно општество, туку негов темел. А поезијата – иако тивка – е една од нејзините најистрајни и најчисти сили. Таа не нè убедува, туку нè потсетува што значи да се биде човек“ - кажа Краличин.
Погледнете го целото гостување на Кристина Краличин:
