
28.07.2026 година

Почитувани читатели,
Жири-комисијата на регионалниот поетски конкурс „Ars Lyrica Balcanica – Регионална поетска награда“, во состав: академик Васил Тоциновски, Милутин Станчиќ, Христо Петрески, Кристина Краличин и надворешен член на жири-комисијата, организатор и координатор на меѓународниот поетски конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“, професор Калоџеро Ла Векија, по внимателно разгледување и оценување на пристигнатите поетски творби, ги донесе конечните одлуки за наградите и признанијата за 2026 година.
Конкурсот претставува регионална културна иницијатива и посебна секција во рамки на меѓународниот поетски конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“, кој се одржува во Каникати, Сицилија, Италија, со цел афирмација на современата поезија и продлабочување на културната соработка меѓу земјите од Балканот.
Првото издание на конкурсот предизвика значителен интерес во регионот. Повикот за учество беше објавен и поддржан од повеќе од 30 медиуми, културни институции, книжевни портали и организации од земјите на Балканот, што придонесе за пристигнување на 220 поетски творби од 11 држави: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Словенија, Црна Гора, Албанија, Романија, Косово и Бугарија. Со бројот на пристигнати творби и регионалниот опфат уште во своето прво издание, „Ars Lyrica Balcanica“ се вбројува меѓу најмасовните регионални поетски иницијативи на Балканот. Жири-комисијата ги додели наградите врз основа на поетската вредност, автентичноста на авторскиот глас, стилската зрелост и целосниот книжевен впечаток на творбите.
Добитници на наградите:
Прва награда „Ars Lyrica Balcanica“
Damjana Savčić – Босна и Херцеговина, за песната „Između“
За исклучително прецизен и автентичен лирски израз, впечатлива метафоричност и способност со малку зборови да создаде силна емотивна и естетска целина.
Втора награда „Ars Lyrica Balcanica“
Милчо Мисоски – Македонија, за песната „Остаток“
За зрел и современ поетски израз, мисловна длабочина и оригинално обликувана песна во која сонот, времето и љубовта се спојуваат во заокружена лирска целина.
Трета награда „Ars Lyrica Balcanica“
Matej Marić – Хрватска, за песната „Moje sunčane naočale“
За оригинален поетски пристап, силна визуелност и суптилно прикажување на исчезнувањето на една љубов преку предмет што станува нем сведок на разделбата.
Посебни признанија:
„Golden Ode“ – Златна ода
Миливоје Трнавац – Србија, за песната „Разговор са песником (X)“
За тематски и стилски заокружена творба со возвишен поетски тон, богата симболика и впечатлив книжевен дијалог со поетското наследство на Владислав Петковиќ Дис.
„Kalòs Prize“ – Награда „Калос“
Adam Noa – Хрватска, за песната
„Svijet bez papira“
За оригинален и современ авторски глас што проникливо го поставува прашањето за судбината на пишаниот збор и човечката духовност во дигиталната ера.
„Crown of Lyric“ – Круна на лириката
Ален Гагиќ – Србија, за песната „Трагови од соли“
За исклучителна лирска чувствителност, мелодичност и емотивно уверливо обликување на љубовта, загубата и трајната болка.
Пофалници за особено истакнати поетски творби од земјите учеснички:
Во рамките на соработката меѓу регионалниот поетски конкурс „Ars Lyrica Balcanica – Регионална поетска награда“ и меѓународниот поетски конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ од Каникати, Сицилија, Италија, жири-комисијата додели и четири специјални пофалници на италијански автори:
Покрај наградените и пофалените автори, селектирани се и повеќе од дваесет дополнителни поетски творби, кои ќе учествуваат во понатамошната меѓународна селекција на конкурсот „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ во Каникати, Сицилија, Италија, што ќе се одржи во октомври 2026 година. Авторите чии творби се избрани за оваа селекција ќе бидат дополнително известени по електронски пат, покрај јавното објавување на резултатите. До крајот на месец јули, на сите учесници по електронски пат ќе им биде доставено соодветното признание – сертификат за учество, пофалница, специјална пофалница или диплома за освоена награда.
Организаторот на конкурсот „Ars Lyrica Balcanica – Регионална поетска награда“ го задржува правото да подготви и објави антологија со избрани песни од пристигнатите творби на конкурсот. За евентуалното издавање на антологијата и за изборот на творбите, авторите ќе бидат дополнително известени.
Организаторот им изразува искрена благодарност на сите автори, медиуми, културни институции и партнери кои ја поддржаа оваа иницијатива и придонесоа за успешно реализирање на првото издание на конкурсот. Со ова, „Ars Lyrica Balcanica“ ја започнува својата мисија како нов регионален книжевен мост меѓу балканските народи, со заедничка визија поезијата да биде простор на дијалог, разбирање и културно поврзување, а најдобрите автори од Балканот да добијат можност своето творештво да го претстават и на меѓународната сцена во Италија.
АРС ЛИРИКА БАЛКАНИКА
--------------------
11.04.2026 година
ОБЈАВЕН РЕГИОНАЛНИОТ ПОЕТСКИ КОНКУРС „АРС ЛИРИКА БАЛКАНИКА – РЕГИОНАЛНА ПОЕТСКА НАГРАДА ЗА 2026 ГОДИНА“

Почитувани читатели,
Со цел да се поттикне современото поетско творештво и да се зајакне културниот дијалог меѓу земјите од регионот, официјално е објавен регионалниот поетски конкурс „Арс лирика балканика – регионална поетска награда“ за 2026 година.
Конкурсот има непрофитен културен карактер и е замислен како долгорочна платформа за афирмација на лирската поезија на Балканот, со особен акцент на автентичниот поетски израз, јазичната разновидност и современите поетски тенденции.
Право на учество имаат поети и поетеси од балканските земји (18+), кои можат да се пријават со една необјавена поетска творба, на слободна тема, не подолга од 40 стихови, напишана на мајчиниот јазик на авторот.
Пријавата се доставува по електронски пат и треба да ги содржи следните податоци: име и презиме, град (место на живеење) и држава, e-mail адреса и контакт телефон. Авторите можат, но не се обврзани, да достават и превод на поетската творба на англиски и/или италијански јазик.
Во рамки на конкурсот ќе бидат доделени прва, втора и трета награда „Арс лирика балканика“, како и посебни признанија: Награда „Калос“ (Kalòs Prize) за поетска извонредност и особен авторски глас, Круна на лириката (Crown of Lyric) за исклучителен лирски израз, и Златна ода (Golden Ode) за поетска творба со изразена тематска и стилска целовитост, додека по одлука на организаторот може да биде доделено и дополнително специјално поетско признание.
Конкурсот „Арс лирика балканика“ претставува специјална секција во рамки на меѓународниот поетски конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“, кој се одржува во Каникати, Сицилија, Италија. Во таа насока, селекција на најдобрите поетски творби од Балканот ќе учествува и на наградата „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ за 2026 година, во рамки на меѓународната соработка.
Рокот за испраќање на творбите е 20 мај 2026 година.
По завршување на конкурсот, до сите учесници ќе биде доставена електронска благодарница за учество, додека наградените автори ќе добијат диплома за освоеното признание. Резултатите од конкурсот ќе бидат јавно објавени, а наградените автори ќе бидат известени исклучиво преку официјалната електронска адреса:
📩 arslyricabalcanica@gmail.com
По завршување на конкурсот, доколку бидат исполнети услови и се обезбеди доволен број учесници, ќе постои можност за објавување антологија со избрани поетски творби. Деталите во врска со антологијата ќе бидат дополнително доставени до авторите преку e-mail адресите од кои ќе се пријават.
Конкурсот претставува нов културен мост меѓу поетските гласови на Балканот, со цел создавање простор во кој поезијата ќе остане заеднички јазик надвор од границите и разликите. Со поднесување на пријава, учесниците даваат согласност нивните податоци да бидат обработувани и користени исклучиво за целите на конкурсот, вклучително и за објава на резултатите и доставување на творбите во рамки на меѓународната соработка со „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ преку медиумите и официјалните комуникациски канали на организаторот и партнерските институции.
📩 Пријавување и информации:
Основач и уметнички директор
КРИСТИНА КРАЛИЧИН
