Македонската поетеса и писателка Кристина Краличин стана првиот и засега единствен македонски автор застапен во WikiPoesia (линк: Kristina Kralichin) – италијанската енциклопедија посветена на поезијата, нејзините автори, награди и институции.
WikiPoesia е независен италијански енциклопедиски проект посветен исклучиво на светот на поезијата. Создаден е со цел да го документира и систематизира современото поетско творештво, но и да создаде поширок простор во кој се поврзуваат поети, наградени дела, книжевни конкурси, академии и други институции од областа на поезијата.
За обемот на проектот зборуваат и неговите актуелни податоци. Според статистиката објавена од WikiPoesia, пребарувачот Google индексира 7.237 страници од нејзината содржина. Енциклопедијата опфаќа 388 современи поети, 504 поетски награди и конкурси, од кои 127 се под покровителство на WikiPoesia, како и 146 веќе наградени песни – добитници на први места. Во нејзиниот енциклопедиски простор се застапени и големите имиња на италијанската поезија – од Данте, Леопарди, Фосколо, Унгарети, Д’Анунцио, Монтале, Квазимодо и Алда Мерини.
Издавач на WikiPoesia е Repubblica dei Poeti (Република на поетите) – непрофитна организација основана од WikiPoesia, кон која, според податоците објавени на платформата, досега пристапиле 28 италијански општини и една општина од Бразил, две училишта, една радиостаница и една непрофитна организација од јавното право, опфаќајќи територија од над 3.414 квадратни километри.

Извор: WikiPoesia (Грб на Република на поетите)
Според податоците што ги објавува платформата, WikiPoesia бележи 40.991 преглед годишно и се претставува како „најпосетуваната поетска енциклопедија во Италија“, а нејзините содржини се користат како енциклопедиски извор на повеќе од 300 веб-страници.
Токму во овој поетски и енциклопедиски корпус сега е вклучено и името Кристина Краличин (Kristina Kralichin).

Нејзиното вклучување носи и посебен македонски примат. До објавувањето на записот за Краличин, во WikiPoesia немало застапен македонски поет или поетеса, со што таа станува првиот македонски автор претставен во енциклопедијата.
Уште при разгледувањето на нејзината кандидатура, од WikiPoesia го нагласиле токму овој факт:
„Non abbiamo ancora poetesse macedoni e sarebbe un primato.“ Односно, дека во енциклопедијата дотогаш немало македонска поетеса и дека нејзиното вклучување би претставувало примат.
По креирањето на авторскиот запис, Краличин официјално била известена од Renato Ongania од WikiPoesia, кој ѝ упатил честитки и ја информирал дека авторите вообичаено еднаш годишно ги ажурираат своите записи со новите публикации и освоените први места на релевантните книжевните конкурси во Италија.
Записот за Кристина Краличин е дел од нејзиното континуирано присуство на италијанската книжевна сцена, каде што во изминатите години е застапена преку поетски изданија, антологии, книжевни признанија и меѓународни соработки.

Нејзиното име во WikiPoesia оттука не претставува само нова ставка во личната книжевна биографија, туку и прво македонско авторско присуство во енциклопедијата.
Со вклучувањето на Кристина Краличин меѓу современите поети на WikiPoesia, Македонија за првпат добива свое место на поетската мапа на оваа италијанска енциклопедиска платформа.