22 Nov
22Nov

И во презимето носи круна затоа што владее со зборовите, стиховите, економијата и убавината, како надворешна така и внатрешна. Носи повеќе титули но најважната ѝ е креирање на животот по сопствен вкус. Едноставно, ја владее уметноста на живеењето.

1. Вашите животни мотиви и вечна инспирација?

Кристина Краличин:

Факт е дека книжевноста и уметноста заземаат значајно место во мојот живот. Иако писателите неретко се поврзуваат со интровертноста, јас по својата природа сум изразен екстроверт. Ми одговараат и ме исполнуваат комуникацијата, динамиката, освојувањето различни средини и стекнуваањето нови знаења и искуства. Покрај разновидноста на моите интереси, кога нешто ќе ми го привлече вниманието, фокусот ми станува речиси бескомпромисен. Ретко ми се случува да не забележам дури и ситен детаљ ако нештото ми е од интерес, а имам и една, условно кажано, „маана“: потребата постојано да истражувам подлабоко во која и да е сфера дури и кога тоа никој не го бара од мене. Не сум приврзаник на идејата дека човек треба да се самодефинира преку една професија, една страст или едно животно определување. Можеби токму во таа комбинација на љубопитност, непосредност и истражувачки дух се крие мојот најголем животен мотив: да не го прифаќам светот само онаков каков што ми се претставува, туку постојано да ги преиспитувам неговите видливи граници и да градам сопствена перспектива за стварноста, која не мора да се совпаѓа со ничија друга. Овој начин на размислување неизбежно се одразува и врз моето книжевно творештво. Литературата ми овозможува сопствените согледувања за човекот и стварноста да ги истражувам и низ перспективи што самата ги создавам, додека уметноста ми отвора простор тие согледувања да ги доживеам и изразам на многу различни начини.

2. Дали со годините ги менувате своите афинитети, пристапот кон луѓето, дали станувате селективни во изборот на нештата?

Кристина Краличин:

Имам чувство дека се менувам низ годините, иако природата ми останува иста. Јас сум онаа што отсекогаш сум била, само што во последните пет-шест години некако појасно гледам. Ги согледувам ситуациите од поширока перспектива, појасни ми се одредени човечки однесувања, полесно ги препознавам причините зад постапките на луѓето. Од друга страна, моите животни приоритети речиси никогаш не се промениле. 

Семејството, мирот, домот и здравјето отсекогаш биле на прво место. Не постои амбиција, успех или животна околност што би можела да ја наруши таа линија на мојот живот. Потоа доаѓа сè друго. Со таа јасност станувам и сè поселективна. Можам да кажам дека знам што правам и што сакам во секој дел од денот. Не дозволувам туѓите проценки, условно речено, да ме натераат да се посомневам во себе или во она во што верувам. Токму таа селективност ми помогна во овие неколку години да им се посветам повеќе на своите животни приоритети и да престанам да трошам време и енергија на односи и ситуации што непотребно ме исцрпуваат.

3. Вашите животни стилски обележја во пишувањето, облекувањето, домувањето...?

Кристина Краличин:

Отсекогаш сум ја сакала естетиката, но не како прашање на луксуз, туку како начин на изразување. Ми значи визуелната хармонија, но истовремено ме привлекуваат и необичните комбинации, деталите што отстапуваат од очекуваното и внесуваат карактер во целината. Во облекувањето ја сакам елеганцијата со доза на смелост.

Сакам облека што има свој идентитет, што ја нагласува женственоста, но не ја ограничува личноста. Не сум приврзана за еден стил, ниту сметам дека одредена возраст треба да диктира како жената ќе изгледа. Има денови кога ми одговара класичната, ненаметлива елеганција, а има и такви кога сакам нешто повпечатливо, со малку драматичност. Модата за мене е простор за игра, но и за лична интерпретација. Домот, пак, го доживувам многу поинтимно. Често велам дека настојувам сопствениот дом да го претворам во едно од оние места на кои им се восхитувам кога ги посетувам. Сакам убавиот ентериер што ме пленил некаде во светот да биде дел и од моето секојдневие. Имам многу патувано, сум посетила најразлични места и сум престојувала во прекрасни ентериери, па верувам дека тие искуства имаат свое влијание врз мојот личен вкус и начинот на кој го уредувам сопствениот дом.

Најмногу ја ценам автентичноста. Без разлика дали станува збор за книжевно претставување, јавен настап или гостување, верувам дека публиката многу лесно ја препознава разликата меѓу природното присуство и настојувањето да се остави впечаток. Сцената има своја естетика, но и своја одговорност, бидејќи таму не е доволно само да изгледате добро, потребно е да имате и што да кажете.

Токму преку тоа присуство публиката создава слика за вас, а мене ми е важно таа слика да биде што поблиска до личноста што навистина сум – автентична, а не конструирана.

4. Што мислите за брендот Елена Лука и кога се работи за мода и кога е во прашање градежништвото и сметате ли дека генерално жените може да се реализираат во сите професии подеднакво со мажите?

Кристина Краличин:

Елена Лука е интересен пример за бренд што го поврзува женскиот сензибилитет со претприемачката амбиција, од модата до градежништвото. Ми се допаѓа идејата дека креативноста не мора да биде ограничена на една област. Напротив, сметам дека токму поврзувањето на навидум различни дејности може да отвори простор за нови идеи и поинакви пристапи кон нивната реализација. Што се однесува до професиите, би направила разлика меѓу еднаквите можности и претпоставката дека сите имаме исти предиспозиции за сè. Верувам во еднаквото право на избор, образование, професионален развој и вреднување на постигнатото, но не мислам дека еднаквоста подразбира и идентичност. Луѓето се разликуваат по своите способности, афинитети, физички предиспозиции и начинот на кој пристапуваат кон одредени задачи. Најважно ми е секој, и жените и мажите, да имаат можност да го остварат сопствениот потенцијал, да ги препознаат своите вистински склоности и да го изберат патот на кој најдобро ќе може да се реализираат, без притоа да чувствуваат ограничувања во остварувањето на своите професионални амбиции.

5. Што ќе кажете за своите слатки 41 година?

Кристина Краличин:

Четириесет и една година, а сè уште имам чувство дека најинтересните поглавја допрва треба да ги „напишам“. Не мислам дека тоа има толку врска со годините, колку со периодот во кој се наоѓам. Многу нешта во мојот живот добиваат нова димензија, а некои работи што порано ми изгледале далечни денес се дел од моето секојдневие. Можеби најдобар пример за тоа е мојот нов книжевно-уметнички проект „СОГОЛУВАЊЕ“, во кој дванаесет раскази ги поврзувам со дванаесет уметнички фотографии, создавајќи една поинаква форма на изразување во книжевноста. Зад самиот наслов се крие и суштината на проектот: соголување на човечката природа, на односите, на вистините што често остануваат зад она што го покажуваме пред другите. Можеби токму тоа е она што ме привлекува во оваа животна фаза: сè помалку ме интересира како изгледаат нештата на површината, а сè повеќе што навистина се крие под нив. И ако нешто посакувам за годините што доаѓаат, тоа е да продолжам да откривам, да создавам и повремено да се изненадувам самата себе.

Објавата е преземена од порталот Sweet40plus.com. Истата можете да ја погледнете на следниов линк.

Comments
* The email will not be published on the website.