24 Nov
24Nov

Македонската писателка и поетеса Кристина Краличин освои прво место во категоријата поезија на странски јазик на петтото издание на Меѓународниот конкурс за социјална поезија „I Diversi Versi“, со песната „A misura di me“ („По моја мера“).

Официјалното известување за освоеното прво место беше доставено од претседателката на конкурсот и уметничка директорка на фестивалот, Милена Чикатиело (Milena Cicatiello), а резултатите беа јавно објавени по 21 ноември 2026 година.Во објавата на резултатите, Чикатиело упати посебна пофалба до наградените автори во категоријата поезија на странски јазик, истакнувајќи го нивниот придонес кон интернационалниот карактер на фестивалот и емоционалната вредност на нивните поетски творби.

Во знакот на Рајнер Марија Рилке

Петтото издание на фестивалот е тематски инспирирано од творештвото на еден од најзначајните европски поети, Рајнер Марија Рилке (Rainer Maria Rilke), под мотото „Lettere dal futuro alle nuove generazioni“ („Писма од иднината до новите генерации“), со посебен фокус на чувствителноста и ранливоста на младите.

Ова признание има и дополнителна симболика за Краличин, чие поетско творештво во 2025 година беше објавено заедно со поезијата на Рајнер Марија Рилке во книгата „Tra cielo e respiro“, во рамките на италијанската книжевна едиција „I Capolavori InVersi“.

Наградената песна „По моја мера“ ја разработува темата на личното созревање, потрагата по сопствениот идентитет и храброста да се напуштат наметнатите животни мерила. Преку метафората на чевлите и чекорите, авторката го доловува преминот од потребата да се следи ритамот на другите кон осознавањето на сопствената слобода и индивидуалност.

„Не знаев колку пат ме чека,

ниту кој ќе оди покрај мене.

Но првиот чекор не ме стегаше,

а вториот веќе беше мој.“

Свечено доделување на наградата на 4 декември во Капачо Паестум

Свечената церемонија на доделување на наградите ќе се одржи на 4 декември 2026 година, со почеток во 18:00 часот, во библиотеката „Erica“, на плоштадот „Santini“ во Капачо Паестум, во близина на Салерно, Италија.

Кристина Краличин ќе присуствува лично на церемонијата, каде што ќе ѝ биде врачена првата награда.

Претседател на жири-комисијата е италијанскиот писател и новинар Пино Априле (Pino Aprile), а уметнички директор на фестивалот е Милена Чикатиело. Музичките интермеца ќе бидат во изведба на Жизела Хосефина Лопез (Gisela Josefina Lopez).

Предвиден е и директен пренос на свеченоста преку италијанскиот медиум InfoCilento.

Со оваа прва награда, Краличин го продолжува низот меѓународни книжевни признанија и го зацврстува своето присуство на италијанската книжевна сцена, придонесувајќи кон афирмацијата на современата македонска поезија надвор од националните граници.

Ја пренесуваме песната на македонски јазик:


По моја мера

Се обув во чевлите на својата младост,

таа секогаш свои патеки има

по кои оди со сопствен ритам

откривајќи мелодичност во самите нив. 


На улица ги забрзував чекорите

за да не заостанам зад другите.

Кога ќе ме прашаа зошто молчам,

велев дека го чувам здивот.


А во мене растеше едно дете

што уште паметеше трева под нозете,

што можеше да застане среде пат

само затоа што нешто расцветало.


Помислувам дека непознатото боли

секој чекор помалку со време станува тесен

но не запирав во место само затоа што

по некоја препрека сепак ќе се испречеше на патот. 


Сепак, еден ден ги собув од нозе

тивките чекори што во црвени траги останаа

ги одврзав врвките полека

исто како и патиштата по кои веќе сум поминала.


Некој застана: „Ќе продолжиш ли?“

Кимнав, со чевлите во рака.

Земјата беше студена и нерамна,

ги спуштив нозете и станав.


Не знаев колку пат ме чека,

ниту кој ќе оди покрај мене.

Но првиот чекор не ме стегаше,

а вториот веќе беше мој.

Повеќе информации, фотографии и впечатоци од свеченото доделување на наградите и посетата на Капачо Паестум ќе бидат објавени на официјалната веб-страница www.kralichin.com.

Comments
* The email will not be published on the website.