На 8 април 2026 година се одржа промоцијата на новиот роман на Кристина Краличин, „Извештајот на Рената“, четврти по ред од едицијата на 14 романи. Разговорот го водеа Билјана Црвенковска, уредничка на издавачката куќа „Чудна Шума“ и авторката, а рецензијата за романот на писателот Ермис Лафазановски, како и делови од романот, ги читаше Благоја Чоревски, актер. Во рамки на промоцијата на романот „Извештајот на Рената“, уметницата Жаклина Николoвска претстави серија од десет платна изработени во техника акрил, инспирирани од луѓето, богатството и убавините на Африка.
Нејзината инспирација произлегува од силната визуелна и симболична димензија што ја носи самиот роман: пејзажите, баобабите, светлината, но и човечките приказни што се испреплетуваат во него. Африка, во нејзините дела, не е само географски простор, туку емоционален и духовен пејзаж, исполнет со боја, ритам и живот. Оваа серија претставува визуелен дијалог со романот, паралелен наратив кој ја надополнува книжевната приказна и ја проширува во просторот на ликовната уметност.

Промоцијата на романот „Извештајот на Рената“ од Кристина Краличин се одржа во прекрасна и топла атмосфера, во присуство на бројна публика и љубители на книжевноста. Настанот се одвиваше во дух на отворен и искрен дијалог, при што се создаде чувство на блискост, разбирање и заедничко доживување на делото.
Разговорот траеше речиси два часа, но вниманието на присутните не опадна ниту во еден момент, што сведочи за силниот интерес и ангажман што романот го предизвикува. Промоцијата беше исполнета со емоции, размислувања и интеракција со публиката, при што делото беше доживеано не само како текст, туку и како искуство.

„Извештајот на Рената“ претставува комплексен и слоевит роман кој ги истражува границите меѓу науката и мистеријата, како и односот меѓу знаењето и неизвесноста. Преку ликот на Рената Браун, авторката отвора суштински прашања за човековата потреба да истражува, да открива и да се соочува со непознатото.
„Идејата се развиваше постепено. Не беше момент на „инспирација“, туку процес. Ме интересираше таа граница меѓу она што го знаеме и она што го претпоставуваме. Колку науката може да објасни, а каде почнува мистеријата. Колку повеќе знаеме, толку повеќе сфаќаме дека постојат непознати слоеви. Токму тој простор ме инспирираше. И оттаму почна да се гради светот на романот. Со слоеви, историски, научни, но и лични.“ - Истакна Краличин.

„Секој автор, свесно или не, внесува дел од себе во ликот. Кај Рената, тоа е љубопитноста, потребата за истражување, внатрешната дисциплина. Таа потреба да се оди подлабоко, да не се прифаќаат работите на површина. Но, таа има и своја независност. Во еден момент ликот почнува да те води, а не ти него. И тоа е најинтересниот дел од процесот. Апсолутно мислам дека денес науката сè почесто се соочува со етички дилеми. Напредокот е брз, но прашањето е: дали секогаш сме подготвени за последиците? Напредокот носи одговорност. Во романот тоа не е дадено како директен одговор, туку како прашање: До каде сме подготвени да одиме во име на знаењето? И мислам дека литературата треба токму тоа да го прави - да отвора прашања, не нужно да дава одговори.“ Ни откри Краличин.

„Просторот е суштински. Африка во романот не е само место, таа е лик. Баобабите, пејзажите, атмосферата, тие носат симболика, носат тежина. Просторот влијае врз ликот, врз одлуките, врз ритамот на приказната. И за мене, тоа е клучно да се создаде свет кој дише. Атмосферата е таа којашто го води наративот.“ - Објасни Краличин.
Особено впечатлива е способноста на романот да ги поврзе интелектуалната димензија и длабоката емоционалност, што беше јасно препознаено и од страна на публиката. Промоцијата уште еднаш потврди дека станува збор за дело кое остава силен впечаток и отвора простор за понатамошна интерпретација и разговор.

Спојот меѓу литературата и сликарството создаде уникатно интердисциплинарно искуство, во кое посетителите имаа можност да го доживеат делото на повеќе нивоа.
„Јас силно верувам дека уметноста се движи кон спојување. На промоцијата, кога литературата и сликарството се сретнаа, се создаде едно поинакво искуство. Не само од читање, туку и од доживување. И мислам дека тоа е иднината, уметноста да не биде затворена во форма, туку отворена кон дијалог со други медиуми. Верувам дека уметноста сè повеќе ќе се движи кон интердисциплинарност.“ - Потенцираше Краличин.



