
На промоцијата на поетската збирка „Подарок за жената“ од Кристина Краличин, одржана на 25 ноември 2026 година во галеријата „КО-РА“ во Скопје, промоторката м-р Митра Мими Спасова се осврна на книжевните, егзистенцијалните и филозофските аспекти на делото.
Преку анализа на лирската структура, машката лирска перспектива, интертекстуалните елементи и симболиката на природата, Спасова ја истакнува љубовта како движечка сила во процесот на човековото себеоткривање и осознавање на суштината на постоењето.
Во продолжение ја објавуваме рецензијата на м-р Митра Мими Спасова во целост:

Првиот допир на „Подарок за жената“ од Кристина Краличин, надворешно, визуелно, се доживува како лексикон, споменар или албум на кој секоја жена може да му даде свој идентитет, именувајќи го според своите иницијали, име, презиме или прекар. Авторката своите топли зборови за добредојде ги обликува во нејзиното прво обраќање, им дава форма преку епиграфот како второ нејзино суптилно појавување, за во „Предговорот“ да ја подаде својата рака и ја/го покани секоја/секој читателка/читател да се впушти во истражувачка лично-искуствена авантура пред која не може да остане рамнодушна/рамнодушен и иста/ист.
Стихозбирката во однос на структурата се состои од два дела. Првиот дел е именуван „Сјајот во твоите очи“, а вториот дел „Песна за тебе“. Првиот дел содржи циклус од 39 пеења создадени како искуствено лирско ехо на машкото лирско јас кое се изразува преку зборот, мислата и доживувањата на поетесата, а вториот дел е веќе пократок, составен од 6 пеења во кое лирското јас создава песна посветена на својата сакана, повторно сокриено во зборот на Кристина Краличин. Во книжевноста ова го нарекуваме „лирска маска“ при што поетесата создава лирски глас различен од сопствениот – пеење преку машка лирска перспектива. За миг, а можеби и како еден вечен занес на потребата да се влезе во другоста, Краличин се нурнува во најдлабоките нивоа на доживувањата за да се открие вистинската суштественост на постоењето кое го обмислува и овозможува единствено љубовта.
Карактеристична е лирската експресивност на почетокот која во центарот на визуелната идила на руменилото го сместува лирското јас, не случајно во состојба на целосна осаменост, туку намерно, за да му се даде таа привилегија на анализирање и навлегување во една егзистенцијална суштина: „Внесени во навиките / и нивното секојдневно повторување / понекогаш забораваме, пред нас, / да ја видиме вистинската убавина / во ситните моменти на живеењето...“ (К. К. 2026: 19) Таа сила на емоцијата по која може да се запамети мигот, часот, денот е контрапункт на времето затоа што времето и стрелките на часовникот не создаваат спомени, не го поместуваат човекот од егзистенцијалната вистина на постоењето кое често води до една егзистенцијалистичка апсолутност: „Сите ние се раѓаме и умираме“. Животното движење значи чувствување. Значи признание за силината на емоциите сокриени најдлабоко во срцето, а соголени пред својот суд, пред својот прекор и својата одлука која Краличин ја прикажува како една возвишена катарза преку доживеаната слобода: „...Слободата ја поседува оној / што заради некој друг / ја запознава својата големина / и во одразот на туѓите очи / го препознава своето постоење.“ (К. К. 2026: 23) Слободата, пак, е признанието за припадност, признанието за способноста да се љуби искрено. Фасцинира исказот кој во едно женско руво сега добива значење на културолошки симбол за тоа како се доживува љубовта на овие простори: „Како што во твоите очи / се отслика крајот на сите мои почетоци...“ (К. К. 2026: 26). Пораката која преку книжевната едуцираност допира до Кристина носи интертекстовно ехо на силината на поетскиот дискурс создаден од П. М. Андреевски со неговата „Дениција“ како химна на една вечна љубов безусловно потпишана со тој книжевен код оставен во меморијата на образованите поети, на кои впрочем припаѓа и Краличин. Нема да премолчам пред фактот дека во лирскиот запис на Кристина се воочуваат уште двајца лирски авторитети: А. Шопов и Р. Павловски. „Животот е, знам, / состав на маката и радоста...“ (К. К. 2026: 31) „Зрното песок не е самото песок и / нема поголемо значење од зрно...“ (К. К. 2026: 42) Но, сега таа интертекстовност создава нова лирска авантура која го носи субјектот кон откривање на вистинските вредности на личноста сместени длабоко во неговата душа. Зрното кое почнува да се оформува во самосвесност за своето постоење за суштината на битисувањето, човекот го наоѓа најчесто во допир со природата. Материјалното не може да ја купи вистинската вредност на љубовта. Честопати ја распродаваме не водејќи грижа за нејзината вредност, за нејзината моќ и значење. Љубовта се чува само за една личност – вели Краличин, ставајќи го лирското јас во состојба на искушение, страдање и допирање до суштината на своето јас пред кое нема сокривање на апсолутната вистина, а апсолутната вистина е љубовта и признанието за љубовта. „...Ти си таа топлина со која вжарено / се кове името на љубовта / со бојата на мојата крв.“ (К. К. 2026: 45) „...ти си тој допир од кој омекнува железото / на ова цврсто и непробојно јадро / што ми тежи во градите...ти си таа сила што го отвори срцево, / клучот на моите верувања / кога се топи и најмалиот сомнеж.“ (К. К. 2026: 46)
Сестраноста на Кристина, видливо присутна во нејзиниот книжевен израз како една мултимедијалност на сознанијата кои ги добива во текот на животот, но не како празни содржини, туку како дар на сопствената интелектуална искуственост го носат обликот, бојата и формата на сликарството кое се претопува во животната суштественост на водата. Таа моќ на водата да оживува, да протекува, да лекува, да метаморфозира, да чисти, кај Краличин добива име – љубов: „Љубовта е измивање / онаа потреба од себе да се измиеме себеси, / да ги исплакнеме сопствените таложења / кога самите си стануваме / своја тежина,...“ (К. К. 2026: 59) Измивајќи ја својата душа, субјектот сѐ повеќе ја открива својата суштина и доаѓа до потребата да стане звук, ѕвездена прашина, да создаде мастило со кое ќе ја испише со веста на вековните гласници песната на сознанието, на признанието, на суштината, на постоењето, на смислата, песната именувана како „Песна за тебе“, таа химна на себеоткривањето која ја носи блескавата аура на љубовта. Лирското јас нема сомневање во својот став, не се колеба и не размислува затоа што процесот кој иницијациски го минува во првиот дел од стихозбирката, во вториот веќе значи влез во тој свет на сознанието кое ја оформува целината на битисувањето преку химната на вистински осознаената љубов со која човекот станува побогат, посилен, поцелосен и суштински осмислен. Не постои поголема среќа од дефинирањето на сите тие импулси, облици, бои, чувства и стремежи преку сликата на идилата и симфонијата на звуковната благопријатност што ја создава химната на љубовта.
„Љубовта е активност, а не пасивен афект – таа е „останување“, а не „заљубување““ (Е. Фром стр. 29) „Љубовта е моќ што произведува љубов...Ако сакаш, а не поттикнуваш љубов,...ако со помош на едно изразување на животот како личност која сака, не сториш да станеш сакана личност, тогаш твојата љубов е немоќна...“ (Е. Ф. 2002: 29, 32) Моќта на љубовта чија врата Кристина ја отвори вечерва пред нас, нека биде дар не само за нас, туку за сите оние кои ја имаат љубовта како движечка сила и животно мото во секојдневното битисување.
м-р Митра Мими Спасова