24 Apr
24Apr

Монодрамата „Животот нема наслов“, по текст на Кристина Краличин, беше изведена на 24 април 2026 година во рамките на 27. Интернационален фестивал на монодрама, кој се одржа од 23 до 29 април во организација на НУ Центар за култура – Битола

Фестивалот е една од најзначајните меѓународни театарски манифестации во земјата, а годинава во неговата програма беа вклучени 13 монодрамски претстави од 10 држави.

„Животот нема наслов“ беше изведена на Бар сцената како дел од официјалната фестивалска програма. Монодрамата е во режија на Војо Цветановски, ја игра актерката Енџи Николоска, а продукцијата е на Авангарт.

Монодрамата го прикажува моментот во кој една млада писателка, на прагот на промоцијата на својата книга „Големите очекувања“, од возбуда заспива. Во сонот се соочува со сопствениот страв дека книгата не е довршена и во паника тргнува во потрага по последното поглавје, убедена дека без него не може да ја отвори промоцијата. Претставата е современа авторска театарска продукција од областа на драмскиот и невербалниот театар, базирана на оригинален драмски текст на Кристина Краличин. Таа се одликува со силен фокус на актерската игра, музиката и визуелната сценска експресија, кои заедно создаваат интимен и симболичен сценски свет. „Животот нема наслов“ обработува универзална и длабоко лична тема – внатрешната борба на поединецот меѓу љубовта, општествените и личните очекувања, идентитетот и креативната криза, поставувајќи го прашањето дали животот може да има јасен наслов и завршница. 

Сценскиот простор е обликуван како визуелно-драматуршка целина, во која сликарските дела на Жаклина Николовска функционираат како составен дел од сценографскиот концепт, воспоставувајќи дијалог помеѓу драмскиот текст, актерската игра и визуелната уметност.

Изведбата на Интернационалниот фестивал на монодрама претставува значајна потврда за современото македонско драмско творештво и неговото присуство на една од најреномираните фестивалски сцени во регионот.

Извор: Официјална фејсбук страница на Меѓународниот фестивал на монодрама - Битола

Светло мајстор: Никола Георгиевски, Тон мајстор: Миодраг Неќак, Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски 

Comments
* The email will not be published on the website.