28 Sep
28Sep

На 28 септември 2025 година се одржа 4-та глобална лидерска Конференција ЈАС СУМ ЖЕНА во Македонската Филхармонија во Скопје, на која присутните имаа уникатна можност да бидат дел од инспиративниот разговор со главната говорничка, Кимберли Флечер, претседателка на организацијата Мајките за Америка (Moms for America). 

Како основачка на ова движење, авторка и мајка на осум деца, Кимберли се истакна како моќен глас што ги мотивира жените да ја препознаат својата сила и да влијаат на општеството преку храброст, верба и љубов. Нејзината борба и посветеност на вредностите на семејството и нацијата ги охрабруваат мајките да бидат не само столб на своите домови, туку и столб на самата нација.
Со повеќе од 17 години активизам и глобално влијание, Кимберли покажа како мајчината љубов и пожртвуваност можат да се претворат во национално движење, кое ќе помогне да се обликува иднината на нашите деца и на нашите општества.

Во рамките на еднодневната програма, свое обраќање имаше и градоначалникот на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на градот Скопје кој истакна дека жените се двигателот на нашето општество. 

Конференцијата понуди четири тематски сесии кои ги опфатија различните аспекти на женското лидерство и општествен придонес. Првата сесија беше посветена на жените во руралните средини – нивната улога како двигатели на економскиот, социјалниот и културниот развој во земјата. Втората панел-дискусија „Македонки во нетипични професии“ ја истакна храброста на жените кои рушат стереотипи и се докажуваат во професии традиционално резервирани за мажи. Третата тема ги стави во фокус жените лидери во енергетиката, кои преку визија и стручност ја обликуваат иднината на македонскиот енергетски сектор. Последната сесија ги обедини жените кои живееле и работеле во странство, но својот успех го пренесуваат дома, создавајќи можности за повратниците и поттикнувајќи глобален дух со локални корени.

Во оваа инспиративна атмосфера беше забележано и присуството на Кристина Краличин, која како спонзор и поддржувач на настанот имаше свој штанд со книги. Таа ги промовираше своите изданија пред бројни гостинки, водејќи интересни дијалози со посетителките за теми поврзани со личен развој, духовност и женска поддршка. 

Најзначаен момент беше нејзината средба со Кимберли Флечер, на која ѝ подари книги со посебен печат, наменети за организацијата Мајките за Америка – симболичен гест на пријателство и меѓусебно почитување.

Важно е да се напомене дека ваквите настани имаат огромно значење за женската заедница. Поддршката помеѓу жените и поттикнувањето на нивната соработка преку споделување на искуства и ресурси се клучни за изградба на посилни и поеднакви општества. Повеќе вакви собири не само што ќе ја зголемат видливоста на женските лидери, туку ќе создадат и простор за нови идеи, соработка и иновации кои ќе ја подигнат силата на жените на глобално ниво. 


Со младата блогерка Анастасија која живее во Германија, писателката сподели малку повеќе за нејзиното творештво што можете да го погледнете на следното видео:

Читањето добра книга е чиста љубов!“ - Кристина Краличин

Comments
* The email will not be published on the website.