Македонската писателка и поетеса Кристина Краличин е застапена со својот сонет „Изгрејсонцето на зборот“ во меѓународната поетска збирка „Сонети и хаику“, во избор и подготовка на Христо Петрески, а во издание на Фондацијата „Македонија презент“ од Скопје.
Книгата обединува поетски творби од автори од Македонија и странство, посветени на две препознатливи поетски форми, сонетот и хаикуто, кои низ различни културни и книжевни традиции го потврдуваат богатството на поетскиот израз.
Промоцијата на изданието се одржа на 29 октомври 2026 година, во рамките на Меѓународната книжевна манифестација „Република на зборот“ 2026, организирана од Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“.
Во рамките на манифестацијата беа претставени и добитниците на меѓународните книжевни признанија за 2026 година. Наградата „Столб на зборот“ за целокупен книжевен опус им припадна на Ненад Шапоња од Србија и Никола Јованоски од Македонија, додека наградата „Книжевни координати“ во категоријата сонет ја доби Олга Панкина, а во категоријата хаику Славица Милева.
Застапеноста во ова меѓународно издание претставува уште едно учество на Краличин во книжевните иницијативи што ја поттикнуваат соработката и размената меѓу авторите од различни земји.
ИЗГРЕЈСОНЦЕТО НА ЗБОРОТ
Новиот ден никнува токму во процепот на ноќта
кога темнината безусловно владее без да го насети зракот
исто како човекот што преку зборот ја поседува моќта
и во најтешките свои денови да го обели мракот.
И кога недостига тоа чувство на сигурност,
кулата од карти пред очи громогласно кога паѓа
борбата во себе тргнува од внатрешната оскудност
со вистинскиот збор човек како Феникс одново се раѓа.
Тогаш и тишината како непишано правило
го впива во себе сето она што ќе се рече
го остри со душевен блесок своето сечило
кинејќи ја густината на ноќта, муграта да протече.
Зборот во спектарот на светлината, тој светлина самиот зрачи
зборот во прегратка на топлината, тој топлина самиот значи.
Автор: Кристина Краличин
