Македонската поетеса Кристина Краличин е вброена меѓу десетте најдобри автори во категоријата „Comunicazione e Stampa“ на престижниот меѓународен конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia 2025“, што се одржа во Каникати, Италија.
Признанието е доделено за поетската творба „All'Angolo“, која е наградена со Menzione d'Onore – почесно признание што, според официјалната антологија на конкурсот, им се доделува на финалистите кои се рангирани меѓу првите десет автори во оваа категорија.


Песната е објавена и во официјалната антологија на десеттото издание на конкурсот, во која се застапени наградените и избраните литературни дела од меѓународната конкуренција.
„Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ претставува една од најзначајните меѓународни книжевни манифестации во Италија, на која секоја година учествуваат автори од повеќе земји со поетски и прозни дела на италијански и на странски јазици.
Ова признание претставува уште една меѓународна афирмација на творештвото на Кристина Краличин и потврда за присуството на современата македонска поезија на европската книжевна сцена.
