Од печат излезе новото антологиско издание „Помеѓу небото и здивот – Инвертни ремек-дела - Том XXXIX Кристина Краличин и Рајнер Марија Рилке“ („I Capolavori InVersi XXXIX: Tra cielo e respiro“) објавено на италијански јазик во издание на GpM Edizioni / Grace Edizioni од Рим, Италија, во кое современата поезија на Кристина Краличин е поставена во книжевен дијалог со поезијата на Рајнер Марија Рилке (германски: Rainer Maria Rilke) (Прага, 4 декември 1875 година - 29 декември 1926 година), германски писател, еден од најголемите германски лиричари.
Ова издание претставува книжевна средба, а не концепт. Средба со поет чиј јазик не му припаѓа на времето, туку на внатрешната тишина на човекот.
Во дијалогот со Рајнер Марија Рилке, поезијата не се мери, не се споредува и не се чита хронолошки. Таа се слуша и се отвора како простор на суштинско прашање. Рилке е присутен не како канонски автор, туку како глас што ја проверува искреноста и тежината на секој стих.
Поезијата на Кристина Краличин во овој том се појавува од позиција на современ субјект, но со истата егзистенцијална потреба што ја носи поезијата низ вековите: да го именува она што останува без јазик, да ѝ даде форма на тишината и да го одбрани човечкото во свет кој сè потешко поднесува длабочина.
Оваа книга не е омаж, ниту класичен дијалог. Таа е внатрешно приближување – кон поезијата како етичка позиција, кон зборот што не објаснува, туку сведочи, и кон јазикот што не сака да биде гласен, туку точен.
„I Capolavori InVersi“ се потврдува како простор каде што поезијата и денес може да биде морален чин, тивок отпор и форма на слобода. Во тој простор, класичното и современото не се спротивставени, туку се препознаваат – таму каде што зборот престанува да служи и почнува да значи.
Во продолжение ја пренесуваме критичката белешка на Џузепе Палма (Остуни, 10 ноември 1978), основач на GPM Edizioni, адвокат, писател, поет од Италија за „I Capolavori InVersi“:
Автори: Кристина Краличин и Рајнер Марија Рилке
„I Capolavori InVersi“ претставуваат единствена иницијатива во италијанскиот книжевен пејзаж. Ова издание на Grace Edizioni, од издавачката група GpM, претставува десетици современи автори, при што секој од нив е поставен рамо до рамо со еден класичен, односно модерен или современ автор, меѓу најистакнатите во книжевната историја.
Овие антологиски изданија произлегуваат од една древна традиција – средновековната – и, според нашите сознанија, датираат од иницијативата на Пјер деле Виње, кој во првата половина на XIII век сакал да ги собере лирските творби на поетите од Сицилијанската поетска школа, афирмирани во Федериковата Магна Куриа.
Оваа иницијатива нѐ враќа кон самите почетоци на италијанската книжевност, нудејќи му на секој објавен автор можност да ги доближи своите дела до сè поширока читателска публика.
Да се создава книжевност значи да се внесе иновација во веќе постоечкиот книжевен контекст, а оваа антологиска продукција одлично одговара на таа потреба.
Grace Edizioni, чијшто промотори се Џампиеро и Џорџо Грасо, одлучи да ѝ даде простор и доверба на новата книжевност – често занемарена од големите издавачки корпорации и масовната дистрибуција.
Во огромната џунгла на нови писатели, кои честопати самите се прогласуваат за такви, Grace Edizioni нуди селекција и критички филтер што гарантира квалитет на книжевната продукција, збогатувајќи го италијанскиот културен пејзаж.
Да се пишува само заради пишување е штетно. Да се објавува само заради објавување е уште поштетно. Она што прави разлика е иновативната способност. И со сигурност може да се каже дека Grace Edizioni успеа во тоа – избегнувајќи објавување на сè и сешто, и фокусирајќи се на квалитетот и на иновативниот потенцијал на избраните автори кои се дел од оваа едиција.
Овој антологиски том, кој добива и енциклопедиски обележја, несомнено заслужува внимание.
Џузепе Палма
Линк до објавата на „I Capolavori InVersi XXXIX: Tra cielo e respiro“