12 Sep
12Sep

Во време кога зборовите се трошат побрзо од кога било, Кристина Краличин верува дека токму поезијата може повторно да нè натера да застанеме. Не да прелистаме, не да поминеме понатаму, туку да почувствуваме.

Како прв македонски автор застапен во престижната италијанска енциклопедија WikiPoesia, Краличин веќе го носи својот збор надвор од македонските граници. Но, зад меѓународните признанија и книжевните успеси стои авторка која најголемата битка ја води таму каде што нема публика, аплаузи и рефлектори, пред празниот лист.

Со неа разговаравме за поезијата како тивка револуција, за болката која се претвора во збор, за ранливоста како мост меѓу двајца непознати луѓе, за Балканот, личниот максимум и за љубовта како најдлабок отпечаток на човековото постоење.

За „Револуционер“, Кристина Краличин открива зошто не се плаши од празниот лист, зошто не сака нејзиниот збор да има граници и зошто, дури и кога пишува за болката, всушност повторно пишува за љубовта.

Азманоски: Зад официјалната биографија и историскиот влез во италијанската WikiPoesia, која е всушност Кристина кога ќе се изгаснат рефлекторите и ќе остане сама со празниот лист хартија?

Краличин: Можеби ќе звучи необично, но јас не чувствувам голема разлика меѓу Кристина од официјалната биографија и Кристина што останува сама пред празниот лист хартија. Кога нешто го сакате до степен на лично исполнување, престанува да биде само работа, професија или биографски податок. Станува дел од вашиот идентитет. Затоа и мојот книжевен пат не го доживувам како нешто што постои надвор од мене, како низа наслови, признанија или јавни настапи. Тој е материјализација на нешто што многу порано постоело во мене.

Кога ќе се изгаснат рефлекторите, веројатно останувам најмногу она што сум, човек кој постојано мисли, набљудува, чувствува, анализира и има потреба од сето тоа да создаде некаква форма. А празниот лист за мене никогаш не е сосема празен. Тој е само нов предизвик, бесконечен простор на моето душевно пространство во кој сè уште ништо не добило име.

Можеби токму тоа најмногу ме возбудува кај пишувањето. Пред вас стои белина, а неколку часа подоцна на истото место постои свет кој дотогаш не постоел. Ликови што никој не ги познавал имаат живот, нечија болка добила реченица, нешто невидливо станало видливо. Во таа смисла, создавањето за мене е речиси интимен доказ дека човекот може од ништо да направи нешто што ќе продолжи да живее независно од него. Затоа не бегам од празниот лист. Напротив. Празниот лист е единствената празнина што никогаш не ме плаши.

Азманоски: Творите и објавувате на повеќе јазици, а Вашата поезија веќе патува низ Европа. На кој јазик душата погласно боли, а на кој побрзо заздравува?

Краличин: Не верувам дека душата избира јазик кога боли. Болката му претходи на зборот. Зборот доаѓа подоцна, како обид да дадеме форма на нешто што првично постои само како чувство.

Јазикот за мене е средство со бесконечен број можности за комбинирање на мислата, а познавањето повеќе јазици го чувствувам како огромно богатство. Не само затоа што ви овозможува полесен пристап до други книжевни пазари, туку затоа што ви отвора различни начини на мислење. Секој јазик има сопствен ритам, темперамент, нежност, грубост, свои зборови што не можат сосема прецизно да се преселат во друг јазик без нешто да остават зад себе.

А кога создавате на јазик што за некој друг е мајчин, се случува нешто уште поубаво. Веќе не стоите пред тој народ како гостин што бара превод. Влегувате во неговиот јазичен простор и станувате мал дел од него. Оставате збор, книга, стих, трага. На некој начин, пишувате по едно мало парче од сопствената историја на повеќе места во светот.

Мене токму тоа ме привлекува. Не сакам мојот збор да има граница што завршува таму каде што завршува мојот мајчин јазик. Сакам да патува.

Затоа не би рекла дека на еден јазик душата повеќе боли, а на друг побрзо заздравува. Душата чувствува на свој јазик. Јазиците само ѝ даваат повеќе патишта да стигне до други души. А за мене тоа е суштината на книжевноста.

Азманоски: Често се вели дека добрата поезија е најубавиот мамурлук од емоции. Како секојдневниот живот го преточувате во стихови, а притоа да не се изгуби онаа сурова, неизвештачена автентичност што ја бара публиката?

Краличин: Мислам дека поезија слушаме многу почесто отколку што сме свесни дека ја слушаме. Некој ќе рече: „Јас сум повеќе по белетристиката, по нарацијата, не сум толку по поезијата“, а потоа ќе пушти песна и ќе каже: „Каков текст! Какви зборови!“ Тогаш секогаш си помислувам, ете ја поезијата. Само сте ѝ додале мелодија.

Со песна заспиваме, со песна се будиме. Една песна нè враќа кај човек кого сме го сакале пред дваесет години, друга кај лето што сме мислеле дека сме го заборавиле. Понекогаш се доволни три стиха и неколку акорди за во телото да се врати цел еден период од животот. Тоа е неверојатната моќ на зборот поврзан со емоцијата.

Затоа мислам дека практично сите сакаме добра поезија, само понекогаш не ја препознаваме како таква.

И токму затоа со години повторувам дека поезијата, и покрај својата огромна книжевна вредност, во современиот книгоиздателски пазар најчесто останува во сенка на попродаваните книжевни форми. Но, за мене не е доволно само да го констатирам тоа. Се обидувам да придонесам таа повторно да добие повидливо место, пред сè преку сопственото творештво, но и преку создавање нови простори во кои поезијата ќе живее, ќе се чита и ќе ги поврзува луѓето. Токму од таа потреба произлезе и мојот ангажман како основач и организатор на поетски конкурс што ги поврзува авторите од Балканот и ја отвора нивната поезија кон поширок меѓународен книжевен простор.

За мене тоа е особено важно, ако верувате дека нешто заслужува повисоко место, не е доволно да кажете дека е потценето, треба да направите нешто за да го промените тоа. А поезијата не ја доживувам како елитистичка форма што треба да ја дешифрираат петмина, туку како нешто живо, телесно, современо и способно да ве погоди таму каде што прозата понекогаш мора да потроши десет страници.

Можеби затоа и го избегнувам клишето на сувопарната, претерано конструирана поезија која толку сака да биде „голема“ што на крајот престанува да чувствува. Мене ме интересира моментот кога зборот престанува да биде украс и станува нерв.

Автентичноста, според мене, не се произведува. Ако седнете со намера „сега ќе бидам автентичен“, веќе сте ја изгубиле. Таа доаѓа кога имате храброст да не ја разубавите вистината само затоа што така ќе изгледате поубаво во неа. Добрата поезија не треба само да се разбере. Треба нешто да ви направи.

Азманоски: Во денешното брзо, дигитално време каде што вниманието трае само неколку секунди, дали пишувањето и консумирањето поезија претставува еден вид тивка, но моќна револуција?

Краличин: Се надевам дека токму тоа ќе стане. Живееме во време во кое речиси сè е направено да нè натера побрзо да преминеме на следното, следна фотографија, следна вест, следно видео, следен човек, следна желба. Како постојано да сме на пат кон нешто, а сè поретко сме навистина присутни таму каде што веќе сме стигнале.

А брзањето, всушност, никаде нема да нè одведе побрзо.

Мислам дека ни е потребно повторно да научиме да остануваме во моментот и малку поспоро да ги консумираме нештата околу себе. Во тој контекст, поезијата ја чувствувам речиси како лечилиште за дигиталното забрзување. Таа му пркоси на екранизираното заточеништво затоа што бара нешто што алгоритмот не го сака многу од нас. А тоа е задржување.

Добар стих ве запира. Ве тера повторно да го прочитате. Понекогаш ја затворате книгата и не продолжувате на следната страница, бидејќи една реченица веќе ви отворила нешто што бара тишина. И можеби денес повеќе од кога било ни е потребен оној Есенинов имажинизам, не како историска книжевна школа што треба да ја повторуваме, туку како потсетување дека сликата, метафората и имагинацијата можат повторно да му ја вратат длабочината на светот кој премногу брзо го претвораме во површина.

Ако денешниот свет нè учи да прелистуваме, поезијата нè учи да застанеме! И можеби токму тоа е нејзината најтивка револуција.

Азманоски: Читателите најлесно и најдлабоко се поврзуваат преку личната ранливост. Колку е тешко сопствената кревкост да се сервира пред јавноста, знаејќи дека секој ќе ја толкува низ своја лична призма?

Краличин: Најтешко. Но, не затоа што секој ќе ја толкува низ сопствената призма. Тоа е неизбежно. Од нас никогаш не зборува туѓиот допир, туку личното искуство. Секој човек е различен „приемник“ на туѓите информации. Истата реченица кај еден ќе помине речиси незабележано, а кај друг ќе отвори нешто што со години било заклучено.

Тешко е затоа што личната ранливост најмногу боли. Постојат реченици за кои уште пред да ги напишам знам дека ќе ме заболат. Ја чувствувам грутката во грлото пред зборот да стигне до хартијата. И тука за мене започнува вистинската писателска умешност. Многу е тенка линијата меѓу пеколот и јадежот, меѓу разочарувањето и пропаста, меѓу искрената болка и нејзината литературна злоупотреба. Не е доволно само нешто силно да сте почувствувале. Треба да знаете како да го претворите во јазик.

Често седам сама и размислувам токму за создавањето како процес. Што, всушност, правиме кога пренесуваме чувство? Како нешто што нема физичка форма го ставаме во зборови, а потоа тие зборови кај сосема друг човек повторно произведуваат чувство? За мене, тоа е речиси хемиски процес. Нешто најпрво се врежува како болка или љубов во човекот, поминува низ телото, низ нервниот систем, низ електричните сигнали, низ меморијата, и конечно станува збор. Потоа книгата стигнува кај непознат читател и процесот се случува во обратна насока, од зборот повторно се создава емоција.

Фасцинантно ми е тоа. Двајца луѓе можеби никогаш нема да се сретнат, а сепак нешто што болело во едниот може години подоцна да затрепери во другиот. Можеби токму затоа вреди писателот да биде ранлив во литературата. Не за да ја изложи раната пред јавноста, туку за да види дали од неа може да се создаде мост.

Азманоски: Како автор кој активно ја гради својата интернационална кариера, кој е најголемиот стереотип за македонската и балканската книжевна сцена што моравте да го разбиете на тој пат?

Краличин: Можеби ќе ве изненадам, но не мислам дека мојот најголем проблем бил да разбивам туѓи стереотипи за Балканот. Повеќе ме интересираат стереотипите што ние ги создаваме за самите себе.

Во многу разговори користам еден поим што за мене е многу важен, личниот максимум. Секој човек во определен момент има свој максимум, во она што го знае, во начинот на кој мисли, зборува, создава, проценува, во искуството што го собрал и во ширината со која може да го разбере светот. Но, мојот максимум не е ист со вашиот, ниту вашиот со максимумот на некој трет.

И тука се појавува една од најголемите човечки заблуди: претпоставуваме дека можеме прецизно да го измериме туѓиот максимум со сопствениот. А особено кога туѓиот е над нашиот.

Тоа понекогаш изгледа како мало дете да го оценува стариот мудрец, а потоа неговата оценка да ја земеме како релевантна мерка за мудрецот.

Ова не го велам од позиција на потценување на нашата книжевна сцена. Напротив, мислам дека талент постои. Но, талентот сам по себе не создава зрела културна средина. Потребни се критериуми, знаење, институционална зрелост, способност да се препознае квалитетот дури и кога не ни е близок, и пред сè, самокритика.

Не мислам ни дека нашиот проблем е недостигот од „слободоумност“. Во последната деценија доволно се ослободувавме од разни рамки. Мене повеќе ми недостига зрелост, и индивидуална и колективна. Слобода без зрелост лесно станува уверување дека секое мислење има иста тежина само затоа што е изговорено.

За мене вистинскиот доказ за личен развој е моментот кога ќе се свртите кон себеси од пред неколку години и искрено ќе се запрашате: „Зарем јас вака размислував? Зарем вака зборував?“ Ако денешниот вие понекогаш не се согласува со вчерашниот вие, тогаш веројатно сте се движеле во меѓувреме.

Самокритиката е еден од најмоќните механизми на просперитетот, не само во литературата. Затоа мислам дека личниот максимум не треба да го браниме како конечна граница. Всушност, треба постојано да го подбутнуваме малку погоре.

И можеби токму тоа е мојот однос и кон интернационалната кариера, не одам во светот за да докажам дека Балканот вреди. Одам таму за да видам до каде може да стигне мојот сопствен максимум.

Азманоски: Ако за идните генерации треба да остане запаметен само еден Ваш стих или само една единствена емоција од Вашето досегашно творештво, што би сакале да биде тоа?

Краличин: Ќе си дозволам да одговорам и на двете.

Наместо стих, би ја избрала максимата што стои и на мојата интернет-страница и која прилично точно го отсликува начинот на кој се обидувам да живеам и да создавам:

„Радувајте им се на сопствените далечини, а мерете ги сопствените достигнувања.“

Мислам дека таа природно се надоврзува и на она што го зборував за личниот максимум. Далечината треба да нè радува затоа што ни покажува дека сè уште има каде да одиме. Но мерката треба да ја бараме во сопствениот пат, не во туѓиот. Ако постојано се мериме со другите, никогаш нема точно да знаеме колку сме пораснале самите.

А ако треба да остане само една емоција, тогаш без двоумење: „љубов“.

Не мислам само на романтичната љубов. Мислам на љубовта како најсилна движечка енергија на човекот, љубов кон дете, кон родител, кон човек, кон збор, кон живот, кон она што сме го изгубиле, па дури и кон она што никогаш не сме успеале да го имаме. И болката во најголем дел од моето пишување, кога ќе ја соголите до крај, повторно има љубов во својот корен. Бидејќи не страдаме по нештата што ништо не ни значеле. Затоа, дури и кога пишувам за болката, јас всушност повторно пишувам за љубовта, бидејќи болката честопати е само нејзиниот најдлабок отпечаток.

Текстот е преземен од порталот Револуционер.ком

Comments
* The email will not be published on the website.