Објавен е регионалниот поетски конкурс „Арс лирика балканика – регионална поетска награда“ за 2026 година и по тој повод Никола Станков, новинар во Сител ТВ и Кристина Краличин, основач и главен организатор на Конкурсот, се вклучија во живо во утринската програма „Ја сакам Македонија“.
Конкурсот има непрофитен културен карактер и е замислен како долгорочна платформа за афирмација на лирската поезија на Балканот, со особен акцент на автентичниот поетски израз, јазичната разновидност и современите поетски тенденции.

„Во пресрет на Светски ден на книгата и авторското право, токму овде, покрај делото на еден од најголемите македонски поети, ја најавуваме Арс Лирика Балканика – конкурс што ги обединува гласовите на Балканот преку поезијата. Право на учество имаат автори од повеќе земји, со свои оригинални дела, а целта е едноставна – да се создаде простор каде зборот ќе биде мост меѓу културите. Поезијата не познава граници – таа само бара да биде кажана.“ - истакна Краличин.
Право на учество имаат поети и поетеси од балканските земји, кои можат да се пријават со една необјавена поетска творба, на слободна тема, не подолга од 40 стихови, напишана на мајчиниот јазик на авторот.
Во рамки на конкурсот ќе бидат доделени прва, втора и трета награда „Арс лирика балканика“, како и посебни признанија: Награда „Калос“ (Kalòs Prize) за поетска извонредност и особен авторски глас, Круна на лириката (Crown of Lyric) за исклучителен лирски израз, и Златна ода (Golden Ode) за поетска творба со изразена тематска и стилска целовитост, додека по одлука на организаторот може да биде доделено и дополнително специјално поетско признание.
Конкурсот „Арс лирика балканика“ претставува специјална секција во рамки на меѓународниот поетски конкурс „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“, кој се одржува во Каникати, Сицилија, Италија.
Во таа насока, селекција на најдобрите поетски творби од Балканот ќе учествува и на наградата „Il Parnaso – Premio Angelo La Vecchia“ за 2026 година, во рамки на меѓународната соработка.
Погледнете го целото гостување на следниот линк:
Рокот за испраќање на творбите е 20 мај 2026 година на електронската пошта: arslyricabalcanica@gmail.com
