13 Nov
13Nov

Web Radio Avangard International - Бранови на Иновација, на 13 ноември 2025 година емитуваше дијалог за поезијата на Кристина Краличин и нејзината суштина.

Емисијата е подолу на линкот на италијански јазик во аудио формат, а тука ја пренесуваме целата транскрипција на дијалогот со превод на македонски јазик:

Web Radio Avangard International – Бранови на Иновација
13 ноември 2025
Во студио: Алберто Васкез и Заира Роси 

Алберто: Па, да започнеме со едно прашање кое, во денешно време, звучи скоро чудно. Може ли поезијата да биде компас, водич за, да речеме, да ги ориентираме нашите морални одлуки?
Заира: Тоа е огромно прашање.
Алберто: Навистина. Не само уметност, туку вистински морален водич. Звучи како чудна идеја, можеби, но тоа е токму центарот на нашата анализа денес, базирана на размислувањата на македонската поетеса, Кристина Краличин.
Заира: И она што ми е фасцинантно е токму оваа спојка. Таа комбинира два света кои, обично, не се во интеракција.
Алберто: Литературата и практичната филозофија.
Заира: Точно. Затоа денес ќе зборуваме не само за убавите стихови, ќе зборуваме и за тоа како, според неа, зборовите можат да станат конкретен инструмент за разбирање на тоа кои сме, за да ги именуваме вредностите што навистина имаат значење.
Алберто: И, на крајот, за да го најдеме нашето место во светот. Еден навистина амбициозен проект.
Заира: Навистина амбициозен.
Алберто: За да разбереме од каде доаѓа оваа визија, треба малку да ја врамиме фигурата на Кристина Краличин. Таа е писателка, поетеса од Македонија, која неодамна доби прилично значајно меѓународно признание. Беше гостин на десеттото издание на меѓународниот поетски конкурс „Парнас“, на Сицилија.
Заира: И таму ѝ дадоа назив кој звучи како од 19-тиот век: Амбасадорка на Стародавната Академија на Парнас од Сицилија за земјите на Балканот.
Алберто: Точно, и човек може да помисли дека тоа е само една литературна награда. Но, тоа е многу повеќе. Тоа е признание за нејзината улога во културата. Именувањето што го прочитавме тоа јасно го вели.
Заира: Значи, не ја наградиле само заради квалитно пишаниот збор?
Алберто: Тие во неа гледаат личност која ја користи поезијата за да направи, па да речеме, дипломатска културна мисија.
Заира: Прави смисла. Признанието, всушност, било доделено за нејзината способност да пренесе, цитирам: „Слободна и јасна мисла. Мисла која ја надминува јазичната бариера“. Фактички, нејзината поезија се гледа како мост.
Алберто: Мост помеѓу Македонија и Сицилија, во овој случај.
Заира: Не само географски, и концептуално. Таа ги поврзува уметноста со основата на универзалните човечки вредности. Како што беше речено, ова не е само литература, ова е начин за изградба на дијалог.
Алберто: А ова не води директно до срцето на нејзината филозофија.
Заира: Токму така.
Алберто: Во својата книга, „Поезијата како идеален ентитет, етичка димензија на постоењето“, таа ја сумира поезијата во четири есенцијални зборови. Како некој вид на формула.
Заира: Или „Четирите Е“.
Алберто: Точно. Поезијата е, цитирам: „Идеален ентитет на постоењето, сумирано во етика, есенција, ентитет и вечност (етернита)“. Па, да пробаме да ја распакуваме оваа идеја, затоа што сега звучи малку комплицирано.
Заира: Секако. Ова е цел еден систем на размислување. Почнуваме од првата Е: ЕТИКА.
Алберто: Во ред.
Заира: За Краличин, поезијата не е бегство од реалноста. Напротив, таа е начин да ја погледнеме во лице. Таа станува простор во кој си ги поставуваме големите прашања, нели?
Алберто: Што е исправно, што е погрешно.
Заира: Точно, или што е важно за мене? Таа е морален компас. Потоа, втората Е: ЕСЕНЦИЈА.
Алберто: И тука претпоставувам дека одиме во поблиски, поинтимни води.
Заира: Да, и тоа многу. Есенцијата е нашето длабоко јадро. Тоа што не се гледа, што нема етикета. Тоа што всушност сме, надвор од улогите што ги играме секој ден.
Алберто: И поезијата е начин да ѝ се даде глас на оваа скриена есенција. Но, зарем ова не ја става поезијата во ризик да ја преправи во нешто сосема субјективно? Некаков солилоквиум, речиси? Ако есенцијата е толку лична, како може да стане универзален јазик, како мост што рековме?
Заира: Одлично прашање. И одговорот, според неа, лежи во третата Е: ЕНТИТЕТ. Тоа е конкретната манифестација на есенцијата. Тоа е моментот кога таа невидлива внатрешна срж добива форма во светот.
Алберто: Преку зборот.
Заира: Преку поетскиот збор, да. Емоцијата, вредноста, размислувањето стануваат нешто опипливо, односно ентитет. Поезија, избор, дело. Тоа е преминот од невидливото во видливото.
Алберто: Ова почнува да станува појасно. А последната Е?
Заира: Последната E e вечноста (етернита на италијански јазик).
Алберто: Еден силен збор.
Заира: Пресилен, да. Но, поетесата, под вечност не подразбира анализа од аспект на мистика или религија, туку за неа вечноста е безвременската природа на некои чувства и универзални човечки вредности.
Алберто: Како што се љубовта и храброста на пример?
Заира: Љубовта, храброста, болката, правдата. Поезијата, овие сегменти ги претвора во ентитети и ги отстранува од минливоста на времето. Всушност, ги прави вечни. Тоа значи секогаш достапни за секој, во кое било време.
Алберто: А, ајде. Значи, солилоквиумот за којшто зборувавме претходно... 
Заира: ...Станува универзален дијалог. Бидејќи допира до „жици“ кои вибрираат во сите, надвор од времето и од просторот. Тоа е она што поетесата го нарекува конкретен доказ за нашето присуство. 
Алберто: Ми се допаѓа ова. Но, знаеш, сè уште останува малку апстрактно ова што го зборуваме. За среќа, изворно имаме нејзини цитати од книгата. Можеби ќе ни помогнат да го сфатиме концептот подобро. Почнуваме со првиот, поврзан со етиката. Таа пишува: „Сметам дека кога еден човек ќе ја препознае минливоста на животот, ќе биде во можност да ја дефинира својата морална вредност како јасно потврдување за тоа што значи да се живее.“ 
Заира: Ех, ова звучи премногу добро. 
Алберто: Дефинитивно. 
Заира: Обично мислиме на смртта, на минливоста, гледаме како на нешто негативно, нели? Мисла која треба да ја исфрлиме. Таа го превртува тоа гледиште и вели дека тоа не е мрачна мисла, туку почетна точка за еден етички живот. Всушност ни вели: „Смртта не е неуспех. Тоа е твојот најважен рок. Таа те принудува да решиш што навистина е важно – сега.“ 
Алберто: Прифаќањето на крајот е она што му дава вредност на секој момент. 
Заира: Точно. Етиката не произлегува од надворешни правила, туку од свесноста дека нашето време е ограничено. Тоа е моќно. 
Алберто: Тоа е една интересна инверзија на перспективата. Не е „живеј убаво и покрај тоа што мораш да умреш“, туку „живеј убаво затоа што знаеш дека ќе умреш“. Тоа менува сè. Да преминеме на вториот цитат. Овој ми изгледа поврзан со суштината и креативноста: „Секој ден е уникатен ако е збогатен со неограничена креативност, бидејќи се манифестира како дел од потсвеста, каде што престојува суштината на неговата единственост.“ 
Заира: Еве нè кај втората Е: суштината. Клучниот збор тука е потсвест. За неа креативноста не е, да речеме, талент резервиран за неколкумина уметници. Тоа е алатка за истражување. Еден вид археологија на душата. 
Алберто: Ми се допаѓа, археологија на душата. 
Заира: Секој ден, преку еден креативен чин – тоа може да биде пишување, но и гледање на светот на поинаков начин – ние копаме во потсвеста и откриваме едно парче од нашата единственост. 
Алберто: Значи, поезијата како дневен тренинг. 
Заира: Да, но не за да станеме славни поети. Туку за да станеме повеќе самите ние, самите себе. 
Алберто: Тоа е нешто што во денешно време е изгубено, нели? Нас нè поттикнуваат да бидеме продуктивни, а не креативни во овој контекст. 
Заира: Тоа е чин на откритие, а не на производство. 
Алберто: И тоа нè носи до последниот цитат, кој мене многу ме погоди. Говори за гледање со затворени очи. Се чини како парадокс. Таа вели: „Мудар е оној човек што гледа со затворени очи, бидејќи човештвото се перцепира и чувствува во одаите на душата и се пренесува назад низ вековите како древна азбука на светот, печат на сопственото постоење.“ 
Заира: Тоа е извонредна метафора и можеби најкомплексната. 
Алберто: Објасни ни малку. 
Заира: Гледањето со затворени очи значи дека вистинското разбирање не е само рационално, логично, она гледање со отворени очи што анализираат, туку подлабоко разбирање, интуитивно и внатрешно. 
Алберто: Тоа кое се одвива во одаите на душата. 
Заира: Точно. Тоа е повеќе чувство отколку гледање. А потоа ја има оваа моќна слика: древната азбука на светот. 
Алберто: Да, а што претставува оваа азбука? 
Заира: Емоциите за кои зборувавме претходно, во контекст на вечноста. Граматиката на чувствата што сите ја споделуваме, радоста, стравот, надежта, загубата. 
Алберто: Разбирам. 
Заира: Поезијата, според неа, е алатката преку која учиме да ја читаме оваа азбука. Кога пишуваш или читаш поезија, не се занимаваш само со зборови – туку дешифрираш еден многу древен код што те поврзува со целото човештво. 
Алберто: Значи, мојата лична болка, во еден стих, станува универзална. 
Заира: Точно и престанува да биде само твоја и станува дел од колективното искуство. Затоа поетесата го нарекува „печат на своето постоење“. Тоа е начинот на кој оставаш трага што не е само твоја, туку одекнува во сите. 
Алберто: Неверојатно. Говоревме за поетот, за оној што пишува, но досега ја оставивме надвор половината од равенката. 
Заира: Читателот. 
Алберто: Точно. И за читателите таа има многу јасна идеја. Во книгата се чита оваа нејзина би ја нарекле дефиниција: „Поезијата е креативно пишување каде убаво напишаните зборови и мисли се пораката на писателот која, кога ќе биде додадена на поединечниот читател, тој ја обликува лично според сопствените животни искуства.“ 
Заира: Оваа точка е клучна затоа што го поместува целото гледиште. 
Алберто: Во која смисла? 
Заира: Поезијата не е монолог. Не е порака што тргнува од поетот и недопрена стигнува до читателот. Тоа е дијалог. 
Алберто: Аха, разбирам. 
Заира: Значењето не е врежано во камен. Тоа се создава во средбата меѓу текстот и животот на оној што чита. Секој од нас, читајќи ги истите зборови, ги довршува со сопствените спомени, сопствените рани, сопствените радости. 
Алберто: Поезијата станува огледало. 
Заира: Практично да. 
Алберто: За да ја објасни оваа врска, таа користи уште една прекрасна метафора, го опишува делото како „конец толку тенок колку што е цврст “. Тој ги пренесува вибрациите на мислите и емоциите од оној што пишува кон оној што чита. Тоа е слика која прекрасно ја опишува една нежна, но исклучително силна врска. 
Заира: Така е. И ова нè враќа на Премијата на Парнас во Сицилија. 
Алберто: Точно, кругот се затвора. 
Заира: на тој конкурс, поети од целиот свет пишуваа на универзални теми, како што е мирот. Замисли еден поет од Ирак, една поетеса од Бразил. 
Алберто: Автор од Јапонија. 
Заира: Сите тие пишуваат за мирот. Секој го прави тоа полазувајќи од својата приказна, својата култура, својата внатрешна азбука. Но конецот за кој зборува Краличин се затегнува меѓу нив. И оној што ги чита тие песни – можеби еден италијански читател – ги прима сите тие вибрации и ги обликува со своето искуство. 
Алберто: И така, поезијата престанува да биде уметност за малкумина. 
Заира: И станува вистинска лабораторија на глобална емпатија. Тоа не е апстрактна идеја. Тоа е конкретен процес. 
Алберто: Значи, ако се обидеме да ги сумираме сите овие гледишта, визијата на Кристина Краличин е речиси субверзивна. Таа нè повикува да престанеме да ја гледаме поезијата како луксуз или хоби и да ја гледаме како алатка. Алатка за поосвестен, поетичен и етички усмерен живот. Еден пат. За да ѝ дадеме име на нашата суштина, за да оставиме трага. И на крај, да учествуваме во овој тивок, но моќен дијалог со остатокот од човештвото. 
Заира: Токму така. Добро сумираше. Тоа не е активност, тоа е начин на постоење во светот. И за да завршиме, можеби можеме да се вратиме на онаа слика за древната азбука на светот, онаа што ни овозможува да ја дешифрираме душата. 
Алберто: Да. 
Заира: Верувам дека ни остава важна мисла што треба да ја понесеме со себе. 
Алберто: Која би била таа? 
Заира: Ако ја прифатиме идејата дека постои оваа внатрешна азбука, тогаш прашањето повеќе не е „Знам ли да пишувам поезија?“ Прашувањето станува друго. 
Алберто: И кое е тоа? 
Заира: Тоа е, кои се основните букви кои ја составуваат нашата лична азбука? Кои емоции, кои спомени, кои вредности се согледуваат како согласки и самогласки на нашата душа? 
Алберто: Тоа е прашање што нѐ остава без зборови. 
Заира: И, најважно, како можеме да почнеме да ја читаме, да ѝ дадеме смисла, дури и ако никогаш во животот не сме напишале ниту еден стих? Можеби вистинската поезија не е на онаа единствена страница... 
Алберто: ...туку? 
Заира: Онаа што успеваме да ја прочитаме во самите себе, внатре во нас.

Comments
* The email will not be published on the website.