Како порталот 'Voce Pubblica' од Италија ја претстави новата збирка поезија „Поезијата како идеален ентитет, етичката димензија на постоењето“ на Кристина Краличин напишана на италијански јазик. Статијата ја пренесуваме во целост на www.kralichin.com.
Пишува: Кармело Мулоне, портал Voce Pubblica - Италија
Фотографии: Кармело Мулоне
Во месец август, писателката ја претстави својата најнова литературна творба „Поезијата како идеален ентитет, етичката димензија на постоењето“ (Poesia come entità ideale, la dimensione etica dell’esistenza). Во оваа најнова збирка, поетесата ја дефинира поезијата како „Идеален ентитет на постоењето, сумиран во Етика, Есенција, Ентитет и Вечност“ (Etica, Essenza, Entità ed Eternità).

Кристина Краличин, писателка и поетеса од Македонија, беше почесен гостин на завршната свеченост на 10-то издание на Меѓународниот поетски конкурс „Парнас – Награда Анџело Ла Векија“ (Il Parnaso - Premio Angelo La Vecchia). За време на настанот, уметничкиот директор, проф. Калоџеро Ла Векија, ѝ го додели на писателката признанието „Амбасадорка за Балканските земји на Античката Академија на Парнас од Сицилија“.
Ова признание е резултат на нејзината постојана и силна посветеност во литературното творештво, преку кое таа успева да го шири слободниот и префинет дух на мислата, надминувајќи ги јазичните бариери и зацврстувајќи ја етичката димензија заснована врз вистинските човечки вредности. Вредности што се изразени и во најновото литературно дело на поетесата. Книгата направи турнеја низ целиот свет, а во оваа прилика ви пренесуваме неколку стихови од авторката:
„Сметам дека, кога човекот ќе ја препознае минливоста на животот, ќе може да ја дефинира својата морална вредност како јасна потврда на тоа што значи да се живее.“
„Секој ден е уникатен, ако е збогатен со неограничена креативност, бидејќи се манифестира како дел од потсвеста, каде што престојува суштината на неговата единственост.“
„Мудар е оној човек кој гледа со затворени очи, зашто човечноста се согледува и чувствува во одаите на душата и се пренесува низ вековите како древна азбука на светот, печат на сопственото постоење.“

За поетесата, поезијата е емотивен израз на сопствената суштина, каде преку напишаните стихови таа ја претставува својата перцепција и на внатрешниот и на надворешниот свет, доживеани како едно интроспективно патување со цел комуникација со светот, изразувајќи ги емоциите вградени во човекот.
Според писателката, просторот е нешто што го разделува човекот од неговата суштина, која е невидлива, а со мислата што произлегува од овие интензивни емоции, тој простор станува конкретен доказ за нашето постоење преку сетилата. На овој начин, се добива реална интерпретација на животот и, преку универзалниот јазик на поезијата, чувствата добиваат „форма“ и стануваат видливи за сите.

Што е, тогаш, поезијата за Кристина Краличин?
„Тоа е креативно пишување каде зборовите и мислите, добро обликувани, претставуваат порака од писателот, која, кога ќе стигне до читателот, тој ја обработува лично, во согласност со сопствените животни искуства.“
Книгата е онаа тенка, но цврста нишка што служи за пренесување на вибрациите на мислите и емоциите, кои се сметаат за „високото достоинство на нашата примарна природа“, која е многу послоевита и подлабока од она што е видливо.
Присуството на писателката на Парнас во Каникати потврди дека со текот на времето, универзалниот јазик на поезијата успеал да ги надмине и истовремено да ја шири културата, знаењето и убавината — што е и целта на конкурсот.
Поезиите, напишани од автори од целиот свет и од сите возрасти, обработуваа многу актуелни теми, како што е мирот во светот и многу други, истакнувајќи во своите стихови колку длабочина на духот и чувство можат да бидат изразени. Стихови што зборуваат за човечките вредности, кои во едно општество што постојано се менува, често не добиваат доволно внимание да бидат вреднувани како што заслужуваат. Оваа можност беше достојно претставена од сите национални и меѓународни учесници, кои преку своето учество сакаа да го изразат своето мислење, дури и она најдлабокото и најинтимното.
Оригиналниот текст може да се прочита на следниот линк (на италијански јазик): линк.